Селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Синиша Михајловиќ, го отстрани од националниот тим Адем Љајиќ, поради тоа што не сакал да ја пее химната пред почетокот на натпреварот со Шпанија.


Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) соопшти дека Љајиќ го прекршил Договорот за однесување, кој селекторот Михајловиќ го вовел за играчите на националниот тим.

„Селекторот одржа состанок со Љајиќ. Откако играчот му соопштил дека химната не ја пеел поради лични ставови и дека тоа не планира да го смени во иднина, селекторот му порачал дека може да се врати дома“, стои во соопштението на ФСС.

Тоа што е отстранет од националниот тим не значи дека Љајиќ повеќе нема да биде дел од него, тоа може да се смени, кога фудбалерот на Фиорентина ќе го смени личниот став и за тоа ќе го извести селекторот.

Српскиот интернационалев не така одамна беше во центарот на италијанските медиуми кога имаше вербална расправија, по која тренерот на Фиорентина Делио Роси го нападна фудбалерот.

Делио Роси беше отпуштен, додека Љаиќ помина само со суспензија од клубот.