Работниците од приватниот сектор кои заклучно со 31 Декември биле во непрекинат работен однос кај исти работодавач во период од најмалку шест месеци, во тек на календарска година имаа право на регрес за годишен одмор. Во Охридскиот регион, во трговските друштва и јавни претпријатија регресот за годишен одмор се исплаќа во помал износ од утврдениот со Општиот колективен договор, вели Драган Цветаноски, правен застапник на регионалното синдикално претставништво на Сојузот на синдикати на Македонија – Охрид.
Во оние трговски друштва и јавни претпријатија каде што работниците се синдикално организирани, регресот за годишен одмор не се исплаќа во полн износ согласно ОКД туку во помал износ според финансиските можности на Трговските Друштва и Јавните претпријатија, согласно Договорот и спогодбите на Синдикалните организации, вели Цветаноски.
Имено, законската рамка дозволува да се исплати помал износ од износот утврден со Општиот колективен договор, кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот.
Нема писмени или усмени обраќања до РСП-Охрид за неисплата на регрес за годишен одмор за вработени и не се пријавени барања од страна на работодавачите, работниците да го вратат исплатениот паричен надоместок, додава Цветаноски.
За дел од Трговските друштва во охридскиот регион имало мал број на жалби за неисплатен регрес на годишен одмор, но работниците во тие друштва не биле синдикално организирани и поради тоа синдикатот не може да преземе активности, истакнуваат од регионалната канцеларија на ССМ во Охрид.
Согласно одредбите од Општиот колективен договор, за приватниот сектор од областа на стопанството, Регрес за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40% од основицата. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник во државава исплатена во последните три месеци.
За не постапување по правото за регрес за годишен одмор, Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа. Законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.
Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година стои во Кривичниот законик.
Работниците кои не добиле регрес за годишен одмор можат да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд, или пак да покренат судска постапка за заштита на своите права.
К.А.













