Нема покачување на надоместокот за изнајмување на тезгите на кои се продаваат земјоделски производи. Станува збор единствено за законско регулирање на услугите кои ги врши ЈП Градски пазар. Ова е објаснувањето на градоначалникот Јован Стојаноски и координаторот на советничката група на СДСМ, Константин Георгиевски, околу предлог одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП Градски пазар, за која се расправаше на денешната седница.
– Ние имавме една коректна и сосема мирна средба со пазарџиите и на таа средба ги расчистивме некои шпекулоативни информации коишто допреа до нив. Нема поскапување на цените за издавање под закуп на тезгите како што одредени медиуми тоа го пласираа без да имаат доброаналитички пристап кон разгледување на таа информација, рече градоначалникот Стојаноски.
– Станува збор за воведување во ред на издавањето на кафемати и банкомати во рамки на пазарот кое и досега се вршело, но не било поткреопено со одлукла. Сега се потврдува со одлука и соодветни цени. За поставување кафемат цената е 2500 денари, сандаци за сладолед 2500 денари и банкомати 5000 денари. Друга измена е согласно законот за изнајмување на простор во сопственост на државата. Јавното претпријатие е должно да направи проценка на просторот и цената да се утврди според вредноста на недвижноста која ја утврдил овластен проценител и треба да изнесува 0,5 %. Досега цените на дуќаните во пазарот се ставани од ракав, а не по закон, вели Георгиевски.
Во однос на споменуваните лиценци за пазарџиите, директорката на „Градски пазар“, Кристина Крлеска Деспотоска појасни дека станува збор всушност за еден вид легитимација со цел намалување на бројот на невработени лица и поедноставување на бирократските процедури за трговците.
– Здружението на пазарџии се трансформира во Комора на трговци се со цел да ги евидентираат сите трговци на пазарот. За да добијат лиценца мора да бидат невработени лица. За тие лица ќе се плаќа пензиско и инвалидско осигурување и паушален персонален данок. Од друга старана нема да бидат приморани да одат во Централен регистар, да ангажираат сметководители. Сето тоа ќе се врши преку комората. Трговците се регистрираат и цела постапка ќе се води преку комората, истакна Крлеска Деспотоска.
Моментално тече рокот од девет месеци за адаптација кон новите услови и утврдување на ценовникот.
– Без лиценца трговците не ќе може да земат тезга под закуп, а важноста ќе биде една година. Цената сеуште не е утврдена. Се шпекулира со износи, но сакам да кажам дека цените нема да бидат астрономски, знаејќи ја можноста на овие луѓе, изјави Деспотоска.
Таа потенцира дека целта не е да се земат повеќе пари од пазарџиите туку да се изврши нивна евиденција.
OhridNews












