Користењето на припејд услугата во мобилната телефонија во Македонија, без при тоа да бидат оставени лични податоци, во иднина нема да биде можно, пренесува „Макфакс“.

Како што појасни во среда директорот на Агенцијата за електронски комуникации(АЕК) Роберт Ордановски, оваа законска одредба се наметнува со цел или во насока на заштита на граѓаните од анонимни повици, особено по зачестените жалби на ваквата појава.

„Акцијата започнува веќе од утре со тоа што при купување на нови при пејд картички во салоните на мобилните оператори ќе биде задолжително да се приложи и лична карта“, изјави Ордановски.

Тој информираше дека на оние продажни места кои не се во состојба да ги регистрираат личните податоци(трафики, маркети), сим картичката ќе биде регистрирана откако идниот корисник преку смс повик до операторот ќе ги остави своите лични податоци.

На денешната прес конференција присуствуваа и извршните директори на трите мобилни оператора во Македонија, Т мобиле, ОНЕ и Вип, кои истакнаа дека целосно ја поддржуваат оваа акција и дека и претходно во најголем дел ги регистрирале своите корисници и ги повикаа оние корисници кои не се регистрирани, во наредните денови тоа да го направат.

Тие признаваат дека можноста да бидат оставени лажни податоци на почетокот нема да биде целосно елиминирана, но системот ќе врши проверка на сите податоци.

Постоечките корисници на при пејд услугите во наредните денови преку смс ќе добијат известување да ги остават своите лични податоци, а оние кои нема да го сторат тоа ќе бидат исклучени од мрежата до крајот на март следната година.

OhridNews
извор:„Макфакс“