По барањето на СЈО за притвор и други мерки за осомничените во случаите „Тарифа“, „Трезор“ „Титаник“, „Топлик“, „Тендери“ и „ТНТ“, Основниот суд Скопје донесе одлуки. Со нив Судот практично не изрече ниту една мерка притвор, а за повеќето осомничени наметна само мерки на претпазливост – одземање на пасошите и обврска да се јавуваат секој понеделник на надлежно службено лице, jавува „Макфакс“.

Тоа значи дека Кривичниот совет ги одби барањата за притвор за Елизабета Канческа-Милевска, за Владимир Пешевски кој е осомничен за автопатиштата и за Тони Трајковски, градоначалникот на Гази Баба. Ним им е одземен пасошот и треба да се јавуваат на суд. За Груевски, Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески Судот ќе се изјасни дополнително, по донесување на одлуките, нивна писмена изработка и достава до странките во постапката.

Специјалното јавно обвинителство подготвува приговори на решенијата на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 за неопределување мерка притвор за обвинетите, за кои тимот на Катица Јанева бараше мерка за обезбедување присуство. Од СЈО за Макфакс велат дека тоа ќе го направат од понеделник, бидејќи законскиот рок е 3 дена од добивањето на решението.

Заклучно со денеска, Судот одби 8 барања за притвор од вкупно поднесени 18. За најголемите случаи, во кои е обвинет врвот на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште Судот се нема произнесено. 

OhridNews
извор: „Макфакс“