Охридското централно подрачје нема ниту една слободна атрактивна градежна парцела. Од Агенциите за недвижности велат дека инвеститорите кои сакаат да градат објекти за стамбено или индивидуално домување, купуваат веќе постоечки објекти, кои подоцна ги уриваат и на нивното место градат нови.

– Се што беше слободно веќе се пополни, па може да се каже дека во центарот на Охрид речиси и да нема слободна градежна парцела. Поради тоа не би можеле да одредиме просечна цена на градежното земјиште во Централните зони на Охрид. На понудата во моментов најчесто може да се затекнат слободни парцели во приградаските средини, во населбата Видобишта, кај Болничкиот комплекс, во Чекоштина и во делот на населбата Рача. Цената за метар квадратен во овие населби  ја диктира поставеноста на локацијата, дали има маркица и решена инфраструктура, но според некој просек истата се движи од 20 до 100 евра за метар квадратен.-велат од oхридските Aгенции за недвижности.

Од таму објаснуваат дека цената на градежните парцели е малку повисока во крајбрежjето на Охридското Езеро, каде што локациите се нудат од 200 до 400 евра по матар квадратен.

-И во крајбрежниот дел се соочуваме со недостаток на градежни парцели во нашата понуда. Покрај тоа, голем дел од оние слободни плацеви покрај езерото, се наоѓаат во зони за кои што не се изработени урбанистички планови, нeмаат инфраструктура или се со нерешени имотно-правни односи, што секако ја отежнува нивната продажба.-посочуваат посредниците за купопродажба на недвижности.

Тие нагласуваат дека до сега неколку пати се нашле во ситуација кога домашни или странски инвеститори бараат атрактивна локација на крајбрежјето или во градот, а агенцијата не може да му ја обезбеди.

Од Секторот за урбанизам при Општина Охрид, се согласуваат со фактот дека во централното подрачје на градот вистинска реткост е да се најде слободна парцела за градење.

-Речиси сите дозволи за градење кои ги издаваме во последните неколку години се однесуваат на локации на кои и претходно имало објекти. Значи не се впишуваат нови маркици за објекти, туку се гради на постојните локациски услови. –вели Бранко Аранаудов, раководител на Секторот за урбанизам при Општина Охрид.

Ohridnews