Двете струшки основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Јосип Броз Тито“, како и подрачните училишта во неколку села се исклучени од електрично напојување поради неподмирени долгови за струја. Денеска учениците во овие училишта ја следеа наставата по скратени часови.
Градоначалникот на општина Струга Зијадин Села информираше дека се прават напори за надминување на овој проблем, а општината е подготвена да ги преземе долговите на училиштата и да ги исплати преку општинскиот буџет.
-Ќе ја преиспитаме соработката што сме ја имеле до сега со ЕВН по вчерашната акција на компанијата за ислучување на струја во училиштата. По се изгледа ова е настап на третиот коалиционен партнер во Владата. Да се преземат вакви мерки во ова време кога веќе се скратува и денот и кога електричната енергија е неопходно средство за да функционираат училиштата тоа е уцена, а уцените се карактеристика на криминалци, а не на компании, изјави Села.
Од управите на училштата велат дека наставата ќе се одвива по скратени часови само додека тоа го овозможуваат временските услови.
-Наставата се одвива во вонредни услови по скратени часови од по 10 минути. Доколку има минусни температури наставата ќе биде прекината и ќе се одвива во нормални услови понатаму во саботи, ќе најдеме некаков модус вивенди, вели Тони Савески, директор на ОУ „Јосип Броз Тито“.
Инаку вкупниот долг за електрична енергија на училипштата во општина Струга изнесува околу 5 милиони денари. Бидејќи жиро сметките на поголемиот дел од струшките училипшта се блокирани, минатата година нивните догови ги презеде локалната самоуправа.
Г.М