Дванаесеттото издание на специјализираниот магазин за здравје и современ живот „Наше Здравје“ на аптекарскиот бренд „Виа Фарм“, излезе од печат денеска. На 40 страници магазинот обработува теми актуелни за зимскиот период и донесува интересни и едукативни содржини, во функција на заштита на здравјето и подобрување на здравствената култура кај нас.

Во овој број донесуваме интервју со министерот за здравство на Република Македонија, проф. д-р Венко Филипче. Со него разговаравме за актуелните состојби во здравството и за стручни теми поврзани со неговата потесна специјалност. Д-р Зорица Наумовска, професор на Факултетот за фармација, прецизно се осврнува на системот за следење на безбедноста на употребата на лековите, а д-р Виктор Топаловски се занимава со прашањето на факторите кои можат негативно да влијаат врз кардиоваскуларното здравје, со акцент на стресот и последиците од модерниот начин на живот. Д-р Снежана Андревска од Специјалната очна болница „Деница“, подготви интересни совети за заштита на очите во зимскиот период, додека, пак, афирмираниот педијатар д-р Адријана Ставреска ги објаснува дилемите поврзани со промените во календарот за имунизација во 2019 година. Конечно, но не помалку важно, тука се и стручните согледувања на доц. д-р Калина Сотировска Ивановска, која ја расветлува широката тема посветена на психичкиот наспроти физичкиот замор, а и овој пат не изостануваат секогаш корисните совети на стручниот тим на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. – вели уредникот на магазинот м-р Марица Угриновска Баткоска.

Бесплатниот магазин „Наше здравје“ може да го најдете во аптеките „Виа Фарм“ во Охрид, Струга, Вевчани и Лабуништа, во Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ во Охрид и други препознатливи места во регионот.

OhridNews