Како што потенцира командирот на Територијалната противпожарна единица- Охрид, Спасе Прентоски, иако единицата располага со постара опрема, таа е во функција и овозможува интервенциите успешно да се завршат.
– Изминативе две години, добивме едно возило од операцијата “Флоријан“ од Англија и едно возило од македонската Влада преку Дирекцијата за заштита и спасување. Недостасува единствено помало возило, кое ќе биде достапно за интервенции во помалку пристапните делови од градот. Се надеваме дека локалната самоуправа ќе најде можности да ни го обнови возниот парк со понови возила, вели Прентоски.
Тој инфоормира дека во текот на 2011 , извршени се вкупно 92 интервенции на подрачјето на Општина Охрид, Дебрца и Струга. Најголемиот број од нив биле врз објекти, а останатите на отворен простор. Најмал број врз сообраќајни средства. Како што потенцира Прентоски, најголем број интервенции има во зимскиот период.
– Причина за секој пожар е невниманието и намерата. Оваа зима имавме доста ладно и суво време, поради што беше поинтензивно и греењето во домаќинствата и употребата на грејните тела, што од друга страна придонесе и за повеќе интервенции, вели Прентоски.
Тој нагласува дека често пати возилата на противпожарната единица се спречени да интервенираат поради несоодветно паркираните возила, но и поради немањето пристап до се поголем број од новоизградените станбени објети.
– Во последно време воопшто не се води сметка дали до објектите има пристапен пат за да може нашите возила, доколку е потребно, да интервенираат. Не се води грижа и дали има доволно простор меѓу објектите, затоа што на нашите воозила им е потребно одредено растојание за да дејствуваат. Порано имаше прописи при самата градба на објектите- меѓу нив да има најмалку 40% растојание, во однос на висината. Сега тоа не се почитува, па така често пати мака мачиме да извршиме одредена интервенција, нагласува Прентоски.