„Страшен е настанот со погибијата на трите угледни сограѓани и не случајно граѓаните прашуваат зошто се проверува денес, а не вчера. Денес беше за жал доцна . Но не e само тој објект на диво поставен и без соодветни дозволи , по течението на реката Дрим се направени чуда од шанкови и којзнае од каде тие земаат струја каде ја испуштаат отпадната вода, дали издаваат сметки, дали пријавуваат вработени. Не може градоначалникот себеси да се амнестира од одговорност за ваквото анaрхично и криминално однесување во Струга и да се прави дека не знае ништо. Не , не, тој сето тоа го дозволил, по принцип на преседан, па сите викаат кога важи за “оној” важи и за мене. За жал, во анархичните услови создадени од градоначалникот и неговите служби во трката за профит страдаат недолжни луѓе“-вели Марко од Струга.
Два дена по немилиот настан на тераса која работела без дозвола во комплексот Пливалиште, полицијата приведе три лица, сопственици на објектот, а едно од нив ја презело одговорноста за нестручно поврзување на електрична енергија, што било причина за краткиот спој, кој бил кобен за тројца стружани.