Големите осцилации на нивото на водата во Охридското езеро пред се се резултат на несоодветниот  регулаторен систем поставен на истекот на реката Црн Дрим, од каде се врши испуштање на водата од езерото за енергетските потреби на Хидроелектраните, сметаат стручните лица.

– За да се намалат осцилациите потребен е соодветен режим на испуштање на езерото, а тоа може да се направи со  изградба на соодветен  регулаторен систем на истекот на Црн Дрим, а не како досегашниот со греди и талпи кои ги подига кој кога сака и кога сака, вели д- р Здравко Крстаноски од охридскиот Хидробиолошки завод.


Крстаноски потенцира дека уште во 1978 година е предвидено дека за производство на електрична енергија може да се користи водениот столб кој се движи помеѓу максимално утврдената кота од 693, 75 и минималната од 693,10 метри надморска височина. Тој додава дека во услови како сегашните кога нивото на езерото е само 4 сантиметри над минималната кота и има ретки врнежи од дожд, ако и понатаму продолжи искористувањето на водата од езерото за енергетските потреби, трендот на опаѓање на нивото на езерото ќе продолжи.

– Ваквите осцилации негативно влијаат врз дел од живиот свет во езерото кој со повлекувањето на водата останува на суво. Исто така се предизвикуваат и проблеми кои доведуваат до вертикални движења на земјиштето и објектите на крајбрежјето. Оштетувања можат да се појават и врз фреските на црквите сместени покрај езерото, предупредува д- р Крстаноски.

 

Со опаѓањето на нивото на водата доаѓа до повлекување на големи количини вода во езерото. Доколку нивото се спушти за само за еден сантиметар, тоа изразено во метри кубни, објаснува Крстаноски, значи повлекување на околу 3 милиони метри кубни вода, што е голема маса со оглед на вкупната површина на Охридското езеро од 350 метри квдратни. 

Ohridnews