Ревизија на учебникот по граѓанско општество за осмо одделение побара Институтот за демократија „Социетас цивилис“.
Дефиницијата за „лојални граѓани“ дадена во учебникот за осмо одделение, во која вели дека тие се „секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“ укажува кон послушност по цена на загрозување на основните граѓански и политички права на граѓанинот во една демократска држава, сметаат од Институтот.
„Истовремено, во истиот дел е напишано дека „лојални граѓани“ се оние кои „за својата благосостојба се заслужни самите и не се на грбот на општеството“. На овој начин, граѓаните кои се со финансиски или здравствени потешкотии, и кои за тоа примаат помош, имплицитно се дефинирани како нелојални. Имајќи предвид дека во голем дел земји постои социјална програма на државата, а некои (како и Република Македонија) се дефинирани како социјални држави, горенаведената дефиниција е во спротивност со принципите на современите општествени уредувања – велат од Институтот.
Институтот за демократија ги повикува надлежните институции во образованието да извршат ревизија врз овие делови од учебникот по граѓанско образование.
OhridNews