За да се утврди оправданоста на најавената инвесиција на индискиот бизнисмен Субрата Рој во Љубаништа, неопходно е локалната самоуправа да изготви стручна студија пред да започнат било какви активности за изградба на големиот туристички ресорт на брегот на Охридското Езеро, сметаат членови на градскиот совет. Според нив, за таква крупна инвестиција неопходно е научно да се согледаат можните последици и нивното влијание врз развојот на Охрид.
–Со сето она што ќе биде направено со една квантитативна анализа во која ќе бидат ставени очекуваните ефекти, ќе може да кажеме дека таа инвестиција ќе има развоен и оправдан карактер, затоа што може да се покаже дека инвестицијата може да има негативен одраз на долг рок врз развојот на општина Охрид.– вели советникот од СДСМ и професор на ФТУ Охрид Јован Стојаноски.
Од локалната самоуправа уверуваат дека се запознаени со сите детали од проектот кој го води владата и сметаат дека тој позитивно ќе влијае на развојот на туризмот.
-Во моментов се вцртуваат границите на развојната туристичка зона и многу скоро ќе биде објавен јавен повик и сите заинтересирани инвеститори рамноправно ќе може да конкурираат на тендерот кој ќе го добие најповолниот понудувач. Јас сум уверен дека и таму ќе добиеме прекрасни објекти кои ќе ја збогатат туристичката понуда не само на Охрид туку и на Македонија.-вели Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Ниту владата, ниту општината засега не кажуваат дали ќе има експропријација на земјиште и како ќе се решаваат имотните прашања за формирање на потребната парцела за изградба на ресоротот на Субрата Рој, кој е предвидено да се протега на површина од 240 хектари во вода и на копно, каде имоти имаат голем број индивидуални лица и МПЦ. Локалното население стравува дека со формирање на туристичка развојна зона за реализација на најавениот амбициозен проект во Љубаништа, вредноста на нивното земјиште ќе биде нереално проценета, додека Дебарско – кичевската епархија не е заинтересирана за продажба на својот имот.