Продавницата „Нептун“, дел од познатиот ланец на продавници за бела техника во Македонија и пошироко, денес, донира клима уреди за потребите на охридската градинка и основните училишта „Григор Прличев“, „Христо Узунов“ и „Св. Климент Охридски“.

Како што истакна Никола Крстаноски, раководител во „Нептун“ ,акциите за донирање се во тек во повеќе градови низ Македонија, а се реализираат во соработка со фирмата „ Беко“ .

Заедно дојодвме до идејата да донираме апарати во повеќе градови. По Струга, следува и денешната акција во Охрид , каде ќе подариме клима уреди од „Беко“  кои се еколошки и засега се меѓу најдобрите на пазарот. Во иднина предвидуваме слични акции и за останатите установи, рече Крстаноски.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, ја поздрави покажаната општествена одговорност на продавницата „Нептун“ и изрази надеж дека примерот ќе го следат и останатите компании од градот.

Како локална самоуправа го поздравуваме чекорот на „Нептун“,  затоа што општествената одговорност е суштински сегмент во работењето на фирмите. Изразувам благодарност и до останатите кои претходно донираа во градинката и се надевам дека ова ќе биде поттик за донирање и за останатите компании во Охрид , рече Спасески.

Директорката на градинката, Розе Костоска изјави дека секоја донација е добредојдена и потенцира дека клима уредите ќе бидат монтирани во занималните како дополнителни грејни тела.

Т.Кувенџиска