Од 1-ви јули до сега спасителите на Црвениот крст имале 19 успешни интервенции во случаи на давење, 210 укажувања на прва помош на охридското крајбрежје и 30-на на струшкиот дел, како и повеќе потраги по изгубени деца.

-За време на празничниот викенд на плажата Орце Николов несовесни родители ги имаа оставено своите деца на возраст од 4 и 5 години. Во вода покрај регистрираните случаи на спасување давеници затекнати беа капачи во алкохолизирана состојба, како и двајца капачи под дејстви на наркотични средства одалечени на околу 200 метри од брегот на кои им беше пружена помош, изјави Сашо Точков, од Црвен крст охрид.

Тој додаде дека поради зголемени обем на работа, Црвениот крст наскоро во употреба ќе стави уште еден брз пловен објект за спасување на вода.

За разлика од минатите години, оваа туристичка сезона значително е намален бројот на прекршоци во водниот сообраќај, а
одлуката за ограничување на пловидбата на скутери глсвно се почитува информираат надлежните.

-Регистрирани се два случаи на непочитување на одлуката за ограничување на пловидвбата и против управувачите на скутер поднесени се соодветни пријави, истакна Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Кон подобрување на безбедноста во водниот сообраќај придонесува засилениот инспекциски надзор, што го спроведува охридската Капетанија.

-Оваа година зголемени се средствата за инспекциски надзор што овозможи нашите тимови постојано да бидат присутни на терен. Се врши контрола на почитувањето на прописите во пловидбата, алко тестови, а се проверува и техничката исправност на пловилата, посочува раководителот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски.

Со цел зголемување на безбедноста во и околу Охридското Езеро, на иницијатива на СВР Охрид, а во соработка со Капетанијата и Црвениот крст, денеска започнува капмањата „БЕЗБЕДНОСТ ВО И ОКОЛУ ВОДАТА“. Во рамки на кампањата надлежните служби ќе ги посетуваат плажите, но и бродови и други пловни објекти, при што на туристите ќе им се укаже на потребата за зголемување на безбедноста на вода и самогрижа. За таа цел на посетителите ќе им бидат поделени флаери и друг пропаганден материјал, а на пловните објекти ќе бидат поставени едукативни банери. Исто така, планирано е да се изготви и анкета со цел подобрување на општата безбедност.

Г.М.