Унгарскиот параглајдерист, кој го загуби животот во несреќата што се случи денеска нешто по 12 часот на плажа во Љубаништа, паднал од голема висина, информираат од Црвениот крст.
-Параглајдерист кој што летал од планината Галичица паднал од релативно голема висина од околу 200 метри, на околу 50 метри од брегот. Бил извлечен од обучени спасители и присутните на плажата. Веднаш му била укажана помош на повредениот кој бил контактибилен но на моменти паѓал во бесознание. Кога пристигнала брзата помош бил направен обид за реанимација но лицето почина.-изјави Сашо Точков од охридскиот Црвен крст.
На местото на настанот попладнево излезе јавен обвинител и екипи на полицијата, а истрагата треба да ги утврди причините за несреќата. Според очевидци параглајдеристот имал проблеми со леталото, што придонело за фаталниот пад.
Планината Галичица е омилено место на параглајдеристите, а Љубаништа зона на слетување, каде до сега се имаат случено неколку несреќи со повредени и загинати. Експертите сметаат дека е потребно да се зголеми безбедноста на сите кои доаѓаат во Охрид да ги користат природните убавини за рекреација и спорт, посочувајќи дека и покрај големиот број туристи на ривиерата долга десетици километри нема мобилни лекарски пунктови и соодветна опрема за брза реакција по воден пат иако на брегот од езерото се лоцирани две специјални болници.
Г. Момироски
Загина параглајдерист во Љубаништа