Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски стави точка околу својата иднина потпишувајќи нов договор со Палермо кој го обврзува до јуни 2021 година.

Фудбалскиот клуб информацијата ја објави на својот интернет сајт, а Несторовски не го криеше задоволството од продолжувањето на соработката.

– Среќен сум и задоволен што го обновив договорот со клубот кој ми даде доверба и ми овозможи да играм во Серија А и ми направи чест што ми ја додели капитенската лента. Му благодарам на Маурицио Зампарини и на сите во клубот кој сакам да го вратам онаму каде што му е местото, во Серија А. – изјави Македонецот.

Голгетерот често беше поврзуван со трансфер во Фиорентина, Евертон и Севиља, но на крајот одлучи да ја продолжи љубовта со тимот од Сицилија.

27-годишниот фудбалер во Палермо се пресели од хрватскиот Интер Запрешиќ. Во македонскиот шампионат, Несторовски настапуваше за Победа и за скопски Металург.

OhridNews