Здруженијата за заштита на животните „Анима Мунди“, „Асоцијација на активности за заштита на правата на животните“, „Срна“, „Нова надеж“ и „Спас за животните“, пред јунските парламентарни избори побараа од партиите да се изјаснат за нивниот став, во однос на третманот со животните.
„Реагираме поради континуираното мачење, убивање, сакатење на животните за кои тие се и глуви и неми. Со својот молк влијаат на формирање на девијантен, социјално неадаптабилен, суров ментален склоп на македонскиот народ. Бараме еднаш да разберат дека нивните функции значат и одговорност во однос на народот, во однос на цивилизациските и хуманите вредности кои се должни да ги пласираат, застапуваат и бранат, а не да охрабруваат насилство кон животните и поддржуваат деструктивно однесување, агресија и примитивизам“, рече Столе Велковски од „Анима Мунди“.
Велат дека колку за илустрација и се обратиле на хрватската премиерка Јадранка Косор од каде експресно добиле повратно писмо од нејзиниот кабинет со поддршка и ветување за средба, на нејзината следна посета на Македонија, додека домашните власти ги игнорираат.
Обвинија дека МВР наместо да го штити законот и граѓаните, се обидува да го намали по важност криминалниот чин на полицискиот службеник кој пред извесно време пукаше во едно улично куче.
„Залутаниот куршум чисто за среќа не заврши во некое дете. Дали требаше таква несреќа да се случи за да најреално се прикаже фактот дека од убиство кон животните до убиство на луѓето има само еден чекор?“, прашуваат овие здруженија.
Тие порачаа дека бараат хумани алтернативи и ќе ги поддржат оние кои ќе се решат за промена на законите, за радикално менување на Вардариште или негово затворање, како и конечно создавање на полиција за животни.
извор: „Макфакс“











