Имајте пред себе поставена цел, не се откажувајте дури и кога се изгледа бесцелно и невозможно да се оствари. Притоа не одбивајте работно место кое во почетокот можеби ќе ви изгледа непривлечно, затоа што постои веројатност дека токму тука ќе го пронајдете сопствениот успех и ќе се пронајдете себеси, им порачаа десетте успешни деловни жени од Струга на  невработените стружанки кои присуствуваа на вчера одржаниот Форум во Струга, насловен “Учете од најуспешните”.


Како што потенцираат организаторите, целта на форумот е оние кои бараат работа да чујат искуства од жени кои веќе изградиле успешна кариера и започнале сосптвен бизнис, и на тој начин да го пронајдат сопствениот пат кон успехот и вработувањето.


Иницијативата за одржувањето на форумот е од група жени од Струга со изградена успешна кариера, кои на овој начин се приклучуваат кон одбележувањето на Светската недела на претприемништвото.

Жените во Струга многу поретко се осмелуваат да почнат свој бизнис или да градат кариера во некоја професија. Најчесто се задоволуваат со помали примања или со пониски позиции во компаниите бидејќи сметаат дека сепак бизнисот и парите се машка сфера. Но, со големите промени кои ги донесе транзицијата во Македонија, се повеќе жени се принудени сами да се борат за својата егзистенција и за своите фамилии, и неминовно е да почнат да размислуваат за поголема финансиска независност и позиции кои ќе им донесат поголеми примања. Токму затоа група жени од Струга кои веќе успеале да изградат кариера или сопствен бизнис во Македонски услови, одлучија да се здружат и да работат на зајакнување на економската состојба на жената и поттикнување на жените да се вклучуваат се повеќе во светот на бизнисот, вели Катерина Василевска, една од организаторите на настанот.


– Во моментов сме во процес на добивање акредитација за формирање на првиот Сороптимист клуб во Македонија. Во меѓувреме се самоорганизираме и правиме разни активности кои го подобруваат животот на девојките и жените во Струга и Македонија, додава Василевска.

Сороптимист е меѓународна организација во која членуваат жени со изградена успешна кариера во најразлични области и кои се залагаат за подобрување на животот на жените и девојќите насекаде во светот. Здружението брои над 95.000 членки од 120 земји .

OhridNews