Еден од најпознатите поети  за деца на просторите на поранешна Југославија, Љубивое Ршумовиќ, деновиве престојува во Охрид. Синоќа во негова чест во Велестово се одржа поетска вечер на која вљубениците во поетскиот збор од Охрид од сите генерации имаа ретка можност да уживаат во богатиот творечки  опус на  Ршумовиќ.


На средбата што ја организираше македонско-српското друштво „Коштана“ од Охрид, а со поддршка на локалната самоуправа, воведно обраќање имаше македонскиот поет Славе Ѓорго-Димовски и основач на културната манифестација Поетска ноќ во Велестово.
 
Гостинот од Србија, инспириран од прекрасниот поглед, не ја криеше воодушевеноста од амбиентот во ова високо планинско село.    

– Фантастично е што во едно вакво убаво село, со таков убав поглед кон Охрид, кон езерото, кон вселената, постои место каде се среќаваат поети, каде се чита поезија.-рече Ршумовиќ.


Поетот кој има напишано над 15000 песни за деца изрази жалење што во училиштето во Велестово повеќе нема ученици, но, како што рече,  тоа не значи дека оттука нема да изникнат нови писатели.

– Да Ви кажам, не постои училиште во кое може да се научи како се станува поет. Такво училиште се токму ваквите вечери, каде децата ги слушаат постарите поети, нивните песни и што е највавжно, каде можат да ги запрашаат за занаетот, истакна Ршумовиќ.


Тој смета дека за поезијата постои надеж, иако како што вели, нема сите деца да станат поети, но ќе ги засакаат книгите, ќе ги купуваат, ќе станат чесни, образовани луѓе, ќе ја сакаат уметноста.


Познатиот поет вчера посети неколку основни училишта во градот, каде се сретна со љубопитните ученици кои се интересирале за неговото творештво и инспирацијата да се пишува за деца. Гостинот од Србија денеска ќе има прием кај градоначалникот на Охрид Александар Петрески, а на Градскиот плоштад ќе рецитира песни од неговото богато поетско творештво во рамки на одбележувањето на празникот на словенските просветители Св. Кирил и Св. Методиј.

OhridNews