Група пензионери од Охрид денеска одржа собир на кој беше изразено незадоволство од работата на раководството на Сојузот на прнзионери на Македонија.
Охридските пензионери побараa оставка од претседателот на Сојузот на пензионерите Драги Аргироски, кого го обвинуваат за приватизација и партизација на организацијата, бидејќи не го консултирал членството за склучениот предизборен договор со владејачката политичка партија. Според нив таквиот договор може да го разедини сојузот
– Во сојузот членуваат пензионери од различни етникуми, пензионери кои самоволно се симпатизери на најразлични политички партии и затоа сметаме дека Сојузот на пензионери не заслужува да се прават било какви поделби во неговиот состав. – рече Никола Стефаноски – пензионер од Охрид.
Охридските пензионери изразија незадоволство и од начинот на управување со финансиските средства и имотот на Сојузот на пензионерите. Беше истакнато дека се неопходни реформи во сојузот на пензионерите, во спротивно не се исклучува можноста да се поддржи формирање на алтернативна организација, за што иницијатива има во повеќе градови во државата.
-Во секој случај неопходни се промени во Сојузот на пензионери во Скопје, во раководството, кои сојузот ќе го вратат на оската на старото лежиште, а тоа е и според статутот и според сите граѓански нормативи, да биде независен сојуз, неоптоварен со политички убедувања, да не се става на страна на одредени пoлитички партии со цел да не ја изгуби независноста и самостојноста. – изјави Веле Митаноски – пензионер.
Митаноски смета дека треба да престанат политичките манипулации со пензионерите, оценувајќи го покачувањето на пензиите за 500 денари како предизборен маркетинг.
-Чиста лага е дека пензиите се покачуваат за 5 проценти. Тоа се 500 денари, а целта е да се добијат политички поени, но не можат затоа што тоа е лесно читливо, и се гледа на тоа дури со презир. Сега предизборно ги добивме тие 500 денари што само ја потврдува тезата дека сето тоа е направено во функција на изборите и собирање на гласови и партиски поени. – додаде Митаноски.
Групата незадоволни пензионери од Охрид упати барање до општинската организација да се изјасни дали огранокот бил консултиран за склучувањето на предизборниот договор на Сојузот на пензионерите, или е тоа приватна иницијатива со политички мотиви на централното раководство, по што, како што беше најавено, ќе бидат одредени идните правци на делување.
Г.М.