Отпадот што го исфрла Охридското Езеро веќе подолго време е проблем за препирање меѓу општинските и државните власти. И покрај утврдените законски прописи, тие никако не можат да се договорат околу тоа кој треба да го спроведе и кој треба да го плати чистењето на езерскиот брег.


Од општинскиот комунален инспекторат велат дека постојано издаваат налози за чистење на езерското крајбрежје, но потенцираат дека со тоа извршуваат работи што не се во нивна надлежност.

– Чистењето на брегот е обврска на државата затоа што таа ги стопанисува и езерото и крајбрежјето. Повеќепати и усно и писмено се имаме обратено до министерствата за екологија и за транспорт и врски и имаме побарано парична помош за одржување на кејот и на крајбрежјето на Охридското Езеро, но досега немаме добиено никаков одговор, вели Танас Танасоски, раководител на Инспекторатот при Општина Охрид.

Тој објаснува дека покрај крајбрежниот дел во градот, проблем со чистењето постојано се јавува и во делот на плажите.


– Плажите што се издадени под закуп нема кој да ги чисти, честопати ЈП „Охридски комуналец“ ги чисти на своја сметка, иако закупците се обврзани да склучуваат договор за одржување на плажите со ова јавното претпријатие и да ги покријат трошоците за чистење, вели Танасоски.

Од Министерството за транспорт и врски ги отфрлаат тврдењата на охридските општински власти и информираат дека чистењето на јавните површини, како што се плажите и кејот, претставува обврска на локалната самоуправа и истата е уредена со Законот за јавната чистота.

– Согласно член 5 и член 7 од Законот за јавната чистота, недвосмислено е пропишано дека одржувањето на јавната чистота го врши јавното претпријатие за комунални услуги основано од општината. Оттука, ние очекуваме локалната самоуправа во Охрид да ги преземе сите активности за реализирање на своите обврски, кои се уредени со закон,  стои  во писмениот одговор  од Министерството за транспорт и врски, кој го добивме неодамна.

Е.М