Напад на луѓе, масовни труења на кучиња и други животни, многу полемики и жестоки расправии на социјалните мрежи. И така во круг постојано без притоа никој да не побара одговорност од носителите на јавни функции и надлежните институции за нивниот игнорантски однос кон проблемот со бездомните животни. На ова посочува Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ во соопштението за јавност по повод денешниот светски ден на бездомните животни.
-Здруженијата за заштита на животни веќе со години точно го лоцираат коренот на проблемот и вперуваат прст кон децениската неажурност и неисполнителност на институциите, т.е. локалните самоуправи. Веќе со години постои и стратегија за хумано, трајно и темелно справување со бездомните кучиња изработена од граѓанскиот сектор. Во земја со површина колку Македонија проблемот е трајно решлив за 6 месеци до 1 година. За жал, нема никакви напори од страна на надлежните за негово решавање. Со години се вртиме во круг и сè почесто сме сведоци на немили настани. – велат од „ЕДЕН“.
Оттаму истакнуваат дека со години се убиваат бездомните животни во Македонија, но тоа не дава резултат.
– Според научни истражувања агресијата кај животните се намалува за дури 95% откако ќе се стерилизираат/кастрираат, а со вакцинирање им се одржува здравствениот статус и не се извор на зарази за човекот. Труењето на бездомните животни не само што е кривично дело, туку е и огромна опасност за човекот, особено за децата. Кога само од едно душкање куче од 30 кг може да угине за неколку минути без можност за спас, што останува за помалите дечиња? Стерилизирани/кастрирани и вакцинирани животни не се опасност за граѓаните. Опасност за граѓаните се нивни несовесни сограѓани кои решаваат дека е грев да се стерилизира животното, ама не е грев да се фрлат малечките во контејнер. Опасност за граѓаните се нивни несовесни сограѓани кои расфрлаат отрови и со тоа ги загадуваат и почвата и водите, а претставуваат и непосредна смртна закана за малите деца кои си играат во парковите. Опасност за граѓаните се нивни несовесни сограѓани кои поставуваат стапици од жица во грмушките каде што си играат мали деца. Ако дете се фати во таква стапица, последиците ќе бидат трагични зашто колку повеќе детето ќе прета, толку повеќе жицата ќе му се стега околу вратот. Замислете само што може да му се случи на детенце само оставено да си игра надвор? – стои во соопштението на Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“.
Од здружението уште укажуваат бездомните животни се комплексен проблем за чиешто решавање е потребно да се исполнат повеќе услови истовремено:
– стерилизација/кастрација на повеќето бездомни
– задолжително чипирање на животните со сопственици
– стимулирање кастрација/стерилизација за животни со сопственици
– задолжителни даноци за сопственици што одбиваат да стерилизираат/кастрираат
– даноци за одгледувачници
– едукација на јавност
OhridNews