Ниту една компанија во предвидениот рок кој истече вчера на пладне не доставила понуда за изградба на автопатот Гостивар – Ќафасан, Требениште-Охрид, Струга – Подмолје.

Министерството за транспорт и врски во средината на ноември 2009 година објави тендер за давање под концесија на два пакета веќе изградени, но и нови патни правци по трасата на Коридор 8. Во Источниот пакет, се нудеа под концесија патишта во должина од 177,5 километри, а со вториот Западен, 196 километри. За источната концесија беа понудени патните правци: Крива Паланка-Романовце, Кочани-Штип, Миладиновци-Штип, Миладиновци-Скопје и обиколницата на Скопје, во вкупна вредност од 434 милиони евра, а за западната концесија: Стенковец-Блаце, Гостивар-Ќафасан, Требениште-Охрид, Струга-Подмолје и Гостивар-Тетово-Скопје, во вредност од 558 милиони евра.

Од концесионерите се бараше  да ги изградат, доизградат и реконструираат предвидените патни правци за најмногу осум години, а потоа со нив да стопанисуваат 35 години, но и истовремено и да ги одржуваат и да наплатуваат патарина.

Иако првично заинтересираност пројавија дури 48 странски и домашни компании, во завршната фаза од тендерската постапка ниту една не поднесе понуда за концесионирање на македонските патишта.

OhridNews