Државната изборна комисија утре ќе ја разгледа претставката која до неа ја достави невладината „Цивил“ во врска со воочени неправилности со адресите на живеење на одредени граѓани запишани во Единствениот избирачки список. Невладината Цивил информираше дека во општината Кисела вода во избирачкиот список има лица заведени на адреси кои не постојат. Според избирачкиот список, на улица „Петар Дељан“ бр 1 живеат гласачи во првиот влез, стан 22, како и во вториот влез, стан 25.

-Нашиот тим излезе на терен и констатира дека во двата влеза има само по 17 стана. Во двата влеза последните станови се со број 17. – информираат од „Цивил“. 

Претседателот на ДИК Никола Рилкоски укажа дека поради приемот на избирачкиот материјал кој се печати во Битола, членовите на ДИК се отсутни од Скопје и дека претставката ќе биде разгледана утре.

– Истата ќе биде проверена и доколку е поткрепена со доволен број на податоци и докази ДИК секако дека ќе преземе соодветни дејствија. Лично сум задоволен што една невладина организација укажува со докази за неправилости, бидејќи тоа се совпаѓа со ставовите на повеќе членови на ДИК меѓу кои сум и јас, а кои што реагиравме за таквите неправилности за онаа категорија наши сограѓани со двојно државјанство, поточно за граѓаните кои што живеат во Албанија во Пустец. – изјави во Охрид претседателот на ДИК Рилкоски.

Рилкоски укажа дека во два наврати ДИК со мнозинство на гласови усвои одлука да не се дозволи запишување на овие граѓани во Избирачкиот список, но таквата одлука експресно беше укината од Управниот суд. Доколку наводите на невладината „Цивил“ се потврдат како вистинити, ДИК ќе побара бришење на спорните гласачи од Избирачкиот список, уверува Рилкоски.

– Меѓутоа законот предвидува тој што е избришан од Избирачкиот список да може да вложи жалба до Управниот суд и сега судбината на тие случаи повторно е во рацете на тој суд, кој веќе зазеде свој став. Не можам да прејудицирам што би било кога би се јавиле повеќе вакви случаи, но сигурно дека ДИК ќе расправа малку повеќе за тоа, односно доколку има евентуално такви случаи.-додаде Рилкоски.

Претседателот на ДИК потврди дека се воочени одредени неправилности во издавањето потврди на граѓани кои можат да гласаат како болни и немоќни лица во домовите, посочувајќи дека дел од нив не биле издадени согласно одредбите од Изборниот законок и упатството за постапување во вакви случаи што го има издадено ДИК.

-ДИК од сите општински изборни комисии ги побара документите издадени од лекарите кои се однесуваат на болни и немоќни лица. За жал најдовме многу неправилности и донесовме ново упататсво и заклучлок кои ги испративме до општинските комисии. Ги вративме назад документите со строга препорака да ги преиспитаат веќе издадените потврди, доколку веќе издале такви потврди врз основа на невалидна документација, а при одлучување за наредните барања строго да постапуваат според одредбите од Изборниот законик. Се работи за категорија на граѓани која е точно специфицирана, односно лица кои се неподвижни од оддередени болести и за нив е потребна туѓа нега, јасна е документацијата која е потребна за истите, но навистина имаше голем број банални решенија кои не беа поткрепени со докази.-истакна претседателот на ДИК.

Рилкоски изјави дека ДИК е подготвена за првиот круг од претседателските избори кој ќе се одржи на 13 април. Изборите почнаа вчера во ДИК каде гласаа граѓаните кои отпатуваа во дијаспората да ги спроведат изборите, во сабота гласа дијаспората, како и болните и немоќни лица, затворениците, лицата во притвор и внатрешно раселените лица, а во недела останатите, појасни Рилкоски.

Горан Момироски