На македонската културна сцена дуваат некои нови ветришта во шоу бизнисот. Трендот на стенд ап комедијата која со децении царува во САД и Велика Британија, благодарение на неколкумина актери од земјава, меѓу кои е и охриѓанецот Никола Тодороски, полека доаѓа и кај нас. Никола веќе една година ги споделува емоциите со македонаката публика која е гладна за квалитетен хумор и уморна од клишеа и репризи. Инспирацијата за своите настапи Никола ја црпи од секојдневниот живот, а политиката максимално ја одбегнува, затоа што како што вели, таа е и премногу присутна во нашето живеење. Во интервју за OhridNews спенд ап комичарот и актер при Народниот театар Охрид, отворено зборува за зачетоците на стенд ап комедијата во Македонија, за кариерата и идните планови.

OhridNews: Стенд ап комедијата е нов жанр во Македонија, кој благодарение на тебе и неколку твои колеги доживува исклучителна популаризација. Што всушност претставува стенд ап комедија, што те чепна да почнеш да ја работиш и од каде оваа приказна дојде кај нас?

Никола Тодороски: Стенд ап е форма која околу четириесеттите-педесеттите години на дваесетиот век се развива најмногу во Америка и во Британија. Тоа е период по двете светски војни и период на депресија во сиот свет. Овој жанр придонесува да се внесе малку ведрина кај луѓето. Инаку како форма претставува монолог, по правило личен материјал на изведувачот преку кој се прави една обсервација на се што не опкружува низ еден поинаков агол. Мене лично ме предизвика моментот што сам треба да се соочиш со една група на луѓе и со минимални средства-ти и микрофон, да успееш да ги насмееш. Во стенд ап нема маски. Условите се посурови отколку на сцена во театар. Но исто така и чувството дека правиш голема група на луѓе да се смеат и да им е убаво е огромна сатисфакција.


OhridNews: Деновиве со настап во „Ликвид“ одбележа една година од твоите настапи како стенд ап комичар. Како го оценуваш почетокот на твојата кариера како стенд ап комичар, како те прифаќа публиката, какви се реакциите. Има ли перспектива стенд ап комедијата кај нас?

Никола Тодороски: Луѓето сакаат да им е интересно. Во изминатава година успеав да направам над четириесет настапи низ Македонија. На самиот почеток воопшто не беше лесно да се организира место за настапи. Се’ уште, секаде, не е лесно. Клубовите во Македонија се направени со поинаква намена. За поинаков тип на изведби.  Но и покрај тоа што сме неколку комичари во земјава што се занимаваат со стенд ап успеваме да го пробиеме жанрот. Кај публиката има многу убави реакции. Мило ми е што настапите се зголемуваат и бројката на луѓе присутни на настапите се зголемува. Јас лично се чувствувам супер затоа што сум дел од почетокот на една нова приказна во Македонија која ќе трае и ќе се надградува. И ќе ги прави луѓето среќни.



OhridNews: Освен во Охрид настапуваш соло и заедно со твои колеги во други градови низ земјава, каде си најпопуларен?

Никола Тодороски: Па засега настапи сум имал покрај Охрид најчесто во Битола, Скопје и Струга. Најпопуларен можам да речам дека сум во регионот Охрид, Струга и Битола. Но луѓето ме препознаваат и пошироко. Еве ова лето добив покана за учество на ЛИНТ-фестивал за стенд ап комедија во Марибор. Пред фестивалот ќе имам и неколку настапи пред словенечката публика, така што во тек на следната година ќе го проширам полето на изведување на балканско ниво. 

OhridNews: Во твоите настапи има креативен хумор инспириран од секојдневието, длабоки пораки, но нема политика на која домашни комичари градат кариера дваесетина година?

Никола Тодороски: Јас сум свесен дека политичкиот хумор многу ќе запали кај народот. Но мислам дека во изминативе дваесетина години му се даде преголемо да не речам единствено значење. Преоптоварени сме со кратенки од типот ЕУ, НАТО… Јас не сакам да пливам во тие води. Сакам со публиката да комуницирам за обични работи. Мислам дека примерот СКОЛОВРАНЦИ е доволен да се сфати дека има доволно смеа и во обичните теми. А да се забавуваш со нешто што те измачува е како да храниш змеј со плин, зошто е на диета.



OhridNews: Автор си на популарниот веб серијал „Идиотека“ кој се емитува на OhridNews. Во тек е втората сезона, а серијалот доби нов дизајн. Какви се впечатоците по емитување на третина од новиот серијал?

Никола Тодороски: Реакции и варијанти колку сакаш. И сметам дека секогаш ќе биде така. Кога излезе првата сезона одредени работи не им се допаѓаа на луѓето, на други истите им се допаѓаа. Со втората сезона се случува истото но како репер се зема првата. Што значи дека веќе проектот си добива живот и полека, полека си ја наоѓа својата публика. Да не речам сме си ја завршиле работата. Јас сум свесен дека мојот тип на хумор не им се допаѓа на сите, но на крајот на краиштата јас и не го барам тоа. Како што реков пред малку дека се трудам да воведам нов бран на хумор во Македонија, ИДИОТЕКА е важен дел од таа идеја.

OhridNews: Ќе има ли нова сезона од Идиотека, можеби нови промени?

Никола Тодороски: Се разбира дека ќе има. Каков ќе биде концептот на третата сезона знам уште од сега само глупо е да кажам 🙂 затоа што до тогаш сигурно ќе се смени. Инаку веќе од крајот на септември планирана е трета сезона. 


OhridNews:  Те препознаваат ли луѓето на улица, во секојдневието, има ли коментари, разговор, дофрлања?

Никола Тодороски: Секако. Таква е работата. Драго ми е што има луѓе од различни возрасти од 6-7 години па нагоре кои го пратат тоа што го работам и го подржуваат. Има дофрлања, односно цитати. Тоа значи дека публиката има потреба од комуницирање.

OhridNews: Никола Тодороски е актер при Народниот театар во Охрид. Паралелно со соло настапите има сериозни обврски и во матичната куќа. Како успеваш да го ускладиш распоредот?

Никола Тодороски: Пред се драго ми е што успеваме со колегите да го одржиме репертоарот на нашиот НАРОДЕН ТЕАТАР-ОХРИД. Луѓето стекнуваат навика за доаѓање во театар. Се трудиме да ги подобриме условите и секако да го подигнеме квалитетот на претставите. Оваа година ќе има и неколку нови претстави и динамиката на репертоарот полека ќе се шири и зголемува. Се обидувам да функционирам на повеќе полиња. Не е секогаш лесно. Но резултатите од работата создаваат задоволство и предизвик. Изведувачките уметности се жива работа. Дали е претстава или стенд ап, доаѓаш во контакт со живи луѓе и тоа само по себе е природен систем за изведувачот. Кој што не може да преживее во таков систем, а се занимава со изведувачки уметности треба побргу да си најде друга работа.


OhridNews: Во моментов работите на нов проект со Охридскиот театар. Може ли да ни откриете некој детаљ?

Никола Тодороски: Се работи за проектот ПОЛИЦАЈЦИ. Работен по текст на Славомир Мрожек –Полски писател и драматург. Режијата е на Андреј Цветановски. Во претставата покрај мене играат и Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловик, Ивица Цонев и гостува колегата Валентин Костадиновски. Се работи за една интересна претстава но како дел од “ПОЛИЦИЈАТА“ не смеам да откријам ништо повеќе од тоа дека премиерата е закажана за 21 април.

OhridNews