Македонија и Црна Гора ја продлабочуваат соработката, а првиот конкретен резултат од договорените активности е воспоставувањето директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват, која ќе започне да оперира од 1 мај следната година со два лета неделно. Ова го најави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, по денешната билатерална средба со заменик претседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Николоски посочи дека станува збор за реализација на договореното при неговата претходна посета на Подгорица, нагласувајќи дека новото авиоповрзување ќе има значење за зголемување на размената меѓу двете држави.

Денеска заедно со потпретседателот на Владата на Црна Гора договоривме и веќе станува реалност директна авионска линија од Тиват до Скопје. Истата ќе оперира два пати неделно, ќе стартува од 1 мај и се надевам дека сериозно ќе придонесе не само за зголемување на бројот на патници и размената помеѓу двете држави, туку и за развојот на туризмот и бизнисот. Дополнително планираме во текот на следната година да организираме еден бизнис форум, кадешто ќе можат да се запознаат компаниите од двете држави и заеднички да зборуваат за нови можности, во делот на стопанска соработкa, истакна Николоски.

Тој нагласи дека со црногорската влада се преговара и за воведување на линија Скопје -Подгорица и Тиват-Охрид. Како значајна тема на денешните разговори беше посочено и инфраструктурното поврзување, особено можностите што ги отвора изградбата на автопатот Скопје – Блаце за регионалната транспортна и економска комуникација.

Македонија на крајот на август месец почна да го гради автопатот Скопје-Блаце, којшто значи директно поврзување со Црна Гора, и значи отварање на Македонија кон трето пристаниште, тоа е пристаништето во Бар. Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме добро поврзување и со пристаништето во Бар, и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава која не излегува на море, да имаме излез на најмалку 3 пристаништа, рече вицепремиерот Николоски.

На билатералната средба бeше потврдена и одличната политичка соработка меѓу двете држави, потенцирајќи ја можноста за унапредување на односите во сите области. Вицепремиерот Николоски упати честитки за реформските процеси што ги спроведува Црна Гора и за постигнатиот напредок на нејзиниот европски пат, истакнувајќи дека членството на Црна Гора во Унијата би претставувало значаен поттик не само за земјата, туку и за целиот регион и процесот на проширување на Европската Унија.

OhridNews