ВМРО ДПМНЕ својот кандидат за градоначалник на Охрид, како и во останатите општини од државата ќе го избере во редовна процедура, која е отпочната, така што сите информации во врска со ова прашање кои се пласираат изминатиот период во јавноста се шпекулација. Ова денеска во Охрид го изјави пратеникот и член на највисоките патиски тела во ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, по советодавната средба помеѓу пратениците од Охрид и членовите на општинскиот Совет.
-ВМРО ДПМНЕ е на почеток на избор на кандидати насекаде низ земјата. Во моментов ги собираме идеите на граѓаните за изготвување на програма, која сакаме да биде создадена од терен, а не од канцеларија. Заврши процесот на кандидирање кандидати, во тек се разговори со нив и она што можам одговорно да кажам е дека сите информации кои што се пласираат во одредени медиуми околу изборот на кандидат за градоначалник на Охрид се шпекулации, рече Николоски. Тој посочи дека својот кандидат за градоначалник на Охрид ВМРО ДПМНЕ ќе го истакне во законски предвидениот рок и дека партијата нема намера да го следи примерот на опозицијата, која, како што рече, немајќи што друго да работи во изминатиот период единствено што прави кандидира градоначалници.
Инаку како што беше кажано, на средбата што се одржа во ОК ВМРО ДПМНЕ, пратениците и советниците меѓусебно се информирале за активностите во Собранието, односно во Советот и ги договарале идните активности и проекти поврзани со развојот на Охрид.
-Разговаравме на актуелнин теми кои се од животно значење за граѓаните, како што се развојот на туризмот, инфраструктурата, комунални проблеми. Се договоривме дека ќе предлагаме конкретни проекти согласно програмата за развој на Охрид, што веруваме ќе придонесе за подобрување на состојбите во општината, за разлика од други кои работат без програма и неплански со што предизвикуваат разни настани кои не носат добро ниту за туризмот, ниту за градот, изјави по средбата пратеникот Харалампие Шокароски.
Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Пановски, истакна дека конкретните предлози и проекти, ќе бидат изнесени во советот со цел да се отвори јавна расправа за истите