Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот, Александар Николоски, денес и утре престојува во Париз, каде во својство на потпретседател треба да учествува на работата на седницата на Мониторинг комисијата и како член во Комисијата за политички прашања и демократија.
На Мониторинг комисијата, која според Деловникот за работа своите седници ги одржува зад затворени врати, ќе се разгледува информацијата на известителот, Роберт Валтер по неговата постизборна посета на Република Македонија, во јули оваа година.
Дневниот ред предвидува информација и размена на мислења за мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание на Советот на Европа со Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и постмониторинг дијалогот со Турција и Мароко. На седницата ќе се дискутира и за најновите случувања во Украина и ќе се разгледува извештајот за напредокот на мониторинг постапката.
Комисијата за политички прашања и демократија, која ги разгледува политичките прашања за кои Советот на Европа има мандат како и ургентните политички состојби и кризи, на состанокот ќе се фокусира на спротивставувањето на облиците на неофашизам и ксенофобија, потоа состојбата на Блискиот исток, насилството врз христијанските заедници на Блискиот исток и јужниот Медитеран, како и состојбата во Белорусија.
Се очекува пратеникот Николоски во Париз да оствари и повеќе билатерални средби.
OhridNews
извор Макфакс