Охридскиот регион како светско културно и природно наследство има исклучителна универзална вредност за нас, порача министерот за транспорт Александар Николоски од Париз. На средба во седиштето на УНЕСКО во Париз со претседателот на 43-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, Кондкер Мохамад Талха, Владината делегација ги презентира националните заложби за зачувување на вредностите на Охридскиот регион.

Нашата мисија е Охрид и охридското крајбрежје да го зачуваме како еден од најзначајните културно-историски простори во Европа и светот, истакна Николоски.

Покрај Николоски во делегацијата се и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.

На средбата со Кондкер Мохамад Талха беа истакнати јасните заложби за заштита на Охридското Езеро и струшкото крајбрежје, со фокус на одржлив развој и почитување на автентичните вредности, информира градоначалникот Ќура.

Охридскиот регион, како светско културно и природно наследство, има исклучителна универзална вредност, а Струга е нераскинлив дел од таа приказна – град на традиција, култура и живот покрај езерото. Нема да дозволиме компромис со иднината на градот и езерото и  секоја одлука ќе се носи во интерес на граѓаните и генерациите што доаѓаат. Струга денес зборува од Париз, но пораката е јасна: нашето наследство се чува дома – со одговорност и визија, порача Ќура.

Делегацијата според најавите на средбите во Париз ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.

OhridNews