Сите земји имаат прашања и предизвици кои заслужуваат подетално разгледување и надзор и затоа треба да бидат одредени теми во сите земји-членки кои би биле мониторирани, а не само во некои од нив, рече денеска македонскиот парламентарец Александар Николоски кој е потпретседател на Мониторинг комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), тело кое е составено од 16 еминентни членови на ПС на Советот на Европа.
На денешната седница на Ад хок комисијата за реформа на мониторинг – постапката на Парламентарното собрание на Совет на Европа беше разговарано за финалниот документ за реформа на постапката кој треба да биде усвоен најдоцна во октомври 2014 год., и да почне да се применува од јануари 2015.
Во текот на расправата пратеникот Александар Николоски потенцираше дека во времето кога постапката за мониторинг била воспоставена, некаде на почетокот на деведесеттите години на XX век, имала цел надгледување на состојбата кај новите членки на Советот на Европа каде што претходно не постоеле демократски стандарди, што е сосема различно од денешната состојба по 23 години од падот на комунизмот, кога сите земји ги имаат достигнато генерално демократските стандарди.
„Дополнително, денес има земји-членки на Советот, кои не се под мониторинг а сѐ уште ги немаат ратификувано основните документи, ниту ги почитуваат основните човекови и малцински права, како што е случајот со Грција“, истакна Николовски.
Според него, сите земји имаат прашања и предизвици кои заслужуваат подетално разгледување и надзор, па оттаму треба да бидат одредени теми во сите земји-членки кои би биле мониторирани, а не само во некои од нив. Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ предложи сите земји-членки на Советот на Европа да бидат во иста група со можност за секоја од нив да биде отворена постапката за мониторинг или да бидат групирани по одредени прашања, како на пример состојба со човекови права и да бидат под мониторинг од ПС на Советот на Европа.
Со ова, како што истакна Николоски, ќе се надмине сегашната фрустрирачка поделба меѓу земјите, а разгледувањето на одделни теми ќе овозможи споредбените знаења и искуства да се применат во унапредувањето на законодавството и практиката во сите општества подеднакво.
„Ова ќе значи и мониторинг врз земји како Грција кои не се под мониторинг, а не исполнуваат голем дел од стандардите на Советот на Европа“, порача Николоски.
Забелешките на Николоски, кој е шеф на македонската делегација во ПС на Совет на Европа, беа прифатени и ќе бидат дел од финалниот извештај за реформа на монитринг-постапката, кој треба да биде усвоен најдоцна во октомври 2014 год., а да почне да се применува од јануари 2015 година.
OhridNews
„Макфакс“