Охрид повторно е во центарот на политичката војна помеѓу најголемите политички партии во земјата. Тие меѓусебно се обвинуваат дека користеле услуги на криминални структури за претседателските и локалните избори во Охрид, што се одржаа минатата година. Откако ВМРО ДПМНЕ на прес конференции во Скопје и Охрид утрово побара јавното обвинителство да ги истражи наводите од исказот на обвинетиот Бојан Јованоски изнесени вчера на рочиште од случајот „Рекет“ за наводна соработка на исто така обвинетиот во истиот случај Зоран Милески – Кически со лидерот на СДСМ за време на ланските избори во Охрид, на YouTube денеска се појавија аудио снимки од телефонски разговори, во кои наводно рзговараат претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Кически околу соработка за изборите во Охрид.

Веднаш реагираше владејачката СДСМ, според која, објавените разговори се доказ дека Христијан Мицкоски всушност бил тој кој имал средби, разговори и директна соработка со Зоран Милески Кически.

Мицкоски ја лажеше целокупната и целата јавност дека немал никакви средби со Зоран Милески. Мицкоски и Кичеец, активно и директно комуницирале, очи в очи, на средби но и преку телефон. Не преку „Петко-Станко“ како што самиот Мицкоски вели на објавената снимка, туку сосема директно. Кически бил извршител на Мицкоски и одбработувал за ВМРО-ДПМНЕ. Активно ја помагал ВМРО-ДПМНЕ и работел во функција на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски го ангажирал него во изборни цели за претседателските и локалните избори во Охрид во 2019 година. – изјави на прес конференција Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.

Според Николовски, објавената снимка потврдува чии интереси штити лидерот на ВМРО ДПМНЕ и може да биде основ и за постапки поврзани со изборен криминал.

Само се потврдува зошто Мицкоски работи против правната држава, зошто ги брани криминалите на Никола Груевски, на режимот и зошто правеше се во овој период наместо да се реформира, да ги блокира и да ги спречи сите реформи во правосудството. – додаде Николовски.

Николоски изрази очекување дека случајот целосно ќе биде расчистен и ќе има соодветна одговорност за сите инволвирани во него.

ОhridNews