Комплетно нов предлог за името ќе достави медијаторот Метју Нимиц за време на посетата на Атина и Скопје следната недела, прогнозира грчкиот весник „Катимерини“, пренесе Канал 5.

Катимерини, повикувајќи се на свои извори од седиштето на ОН пишува дека по последната средба на медијаторот со преговарачите, двете инволвирани страни сериозно му пристапиле на прашањето, а тоа се докажува и со фактот дека немало објавување во медиумите кои биле идеите што Нимиц им ги претставил на преставниците Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис во Њујорк.

Според анализата на тиражниот грчки весник, предлогот ќе биде комплетен, барањето на Грција е веќе познато, сложено име за севкупна употреба, а размислувањето е новото име да биде за билатералните односи и за меѓународните организации и препорака до сите држави со резолуција на Советот за безбедност на ОН, за поширока меѓународна употреба.

САД пак, според Катимерини, се подготвени да го прифатат името за кое ќе се договорат двете страни.

„Атина ја има јасно нагласено потребата за сложено име со географска одредница и во овие рамки се движеше последниот официјален предлог на Нимиц – „Република Северна Македонија“, а понатаму и размислување за „Република Вардарска“. Извори од ОН велат дека понекогаш се навраќа на некои идеи што веќе се презентирани во минатото и кои можеби тогаш не биле прифатени од двете страни. Но, може да се прифатат денес“, пишува Катимерини.

OhridNews
извор:„Макфакс“