Посредникот за името, Метју Нимиц,  в недела и в понеделник ќе престојува во Скопје, а потоа ќе замине за Атина. Ова ќе биде негова прва посета откако е формирана новата влада, поради што нема преголеми очекувања. Според најавите од дипломатски извори, тој ќе разговара за процесот на преговори околу спорот, но конкретен предлог или резултат не се очекува.

По средбите во Скопје со македонскиот државен врв, според најавите, Нимиц ќе замине за Атина, на дводневни разговори со претставници на грчката влада. Посредникот Нимиц последен пат беше во регионот во јули 2014 и тогаш пред доаѓањето рече дека очекува голем напредок во процесот. Неодамна, во интервју за грчки весник, посредникот Нимиц изјави дека решавањето на спорот за името треба да биде високо поставено на агендата на новата влада во Македонија.

Паралелно со најавата за неговото доаѓање, Македонското народно движење за човекови права објави денес дека  специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН изјавил неофицијално, дека ако е Македонец, не би преговарал за сопственото име. Според Бил Николов од оваа организација, Нимиц наводно рекол дека ништо не би се случило и не би имало последици доколку Македонија се повлече од преговорите за името.

OhridNews
Макфакс