Грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името, изјавил медијаторот Метју Нимиц по денешната средба со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, на која дваесетина минути присуствувал и премиерот Андонис Самарас.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, Нимиц изразил задоволство што на средбата присуствувал и Самарас и истакнал дека имале “куса, но интензивна дискусија”.

Медијаторот информирал дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.
 
– Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме, рече Нимиц.

Тој нагласил дека не може да открие што презентирал и повтори дека се бара взаемно прифатливо решение за прашањето за името. Најави дека утре патува за Скопје за да разговара со македонската Влада и изразил уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне “некакво решение”.

– Бараме взаемно прифатливо решение за прашањето за името. Сите знаат за што станува збор, спорот постои веќе 20 и повеќе години, ни треба формулација која ќе функционира. Продолжуваме да се обидуваме, мислам дека има конструктивно размислување во моментов и тоа ми дава надеж, истакна медијаторот.

Запрашан дали сега е време за решавање на името, Нимиц изјавил дека ова го работи долго време и прашањето е дали има време кое е совршено за решавање на ова прашање.

– Има две земји, различни влади, различни работи се случуваат и во целиот период во кој работам на ова прашање, никогаш не е апсолутно совршено време. Затоа мора да се употреби времето што се има контруктивно и сигурен сум дека оваа Влада во Атина, иако има многу прашања на маса, таа е многу искрена по ова прашање и сака да се реши. И во Скопје се надевам дека ќе има сличен став, изјави медијаторот.

OhridNews
МИА