Медијаторот во грчко-македонскиот спор со името, амбасадорот Метју Нимиц по последните средби со засегнатите страни изрази задоволство од тоа што добил реакции на неговите предлози, како и од тоа што се конкретизирани позициите на двете страни, пренесува „Макфакс“.

Попладнево по македонско време во седиштето на Обединетите нации во Њујорк завршија дводневните средби на медијаторот во македонско-грчкиот спор за името амбасадорот Метју Нимиц со македонскиот претставник амбасадорот Зоран Јолевски и грчкиот – Адамантиос Василакис.

На прес-конференција по средбите, посредникот Метју Нимиц рече дека двете страни разговарале за суштината на прашањето и најави скорешна нова средба во истиот формат, известија од неговата канцеларија.

„Состанокот траеше два часа и имаше интензивна дискусија на него. Задоволен сум од разговорите. Позициите на двете земји сега се кристализирани. Мислам дека во секој од двата главни града работат напорно за да дојдеме до договор. Добив реакции на моите идеи и затоа имавме продолжени дискусии. Наскоро повторно ќе се сретнеме за да ги продолжиме разговорите, но не поставивме датум кога тоа ќе се случи”, рече медијаторот Нимиц.

Ниту медијаторот, ниту, пак, Јолевски и Василакис не сакале ништо дополнително да прецизираат. Нимиц изјавил дека поголем број држави конкретно ги следат овие разговори и оти ги поттикнуваат двете страни и укажуваат на потребата да се најде решение.

Средбата се одржа во просториите на Советот за безбедност на Обединетите нации, што според многумина укажува на повисокото ниво на интерес што меѓународната заедница и самата светска организација го дава на овие разговори.

Во пресрет на новата рунда разговори на медијаторот Метју Нимиц со преставниците Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун во вторникот ги повика Македонија и Грција преку дијалог што поскоро да го решат прашањето за името,

„Ова прашање влијае на мирот и стабилноста во регионот веќе предолго време. За време на мојата посета во јули минатата година на регионот, ја нагласив важноста за надминување на спорот за името што поскоро”, изјави Бан на својата прва прес-конференција во 2013 година.

„Уште еднаш ги охрабрувам двете земји да го надминат прашањето што е можно поскоро преку дијалог и со визија, базирано на визија за иднината на двете земји, како и за мирот и стабилноста во регионот. Господинот Нимиц ќе продолжи со посветеноста”, рече Бан.

По разговорите грчкиот претставник Василакис, како што јавува дописникот на МИА од Њујорк, прецизирал дека новата средба може да се одржи во рок од месец до месец ипол. Како можни локации се спомнуваат Њујорк или неутрална локација во Европа, а постои можност и посета на Нимиц на двете држави. Сепак Василакис инсистирал дека средбата ќе биде на нивото од средата, односно медијаторот Нимиц и на двајцата учесници во разговорите.

Василакис во неколку наврати одбил да одговори на прашањата околу посветеноста на Грција во овие преговори, имајќи предвид дека Атина ја одби понудата за тројна средба на еврокомесарот за проширување на ЕУ, Штефан Фуле.

Амбасадорот Јолевски по прес-конференцијата изјави дека Македонија останува посветена на изнаоѓање решение кое нема да се одрази врз македонското достоинство.

OhridNews
извор:„Макфакс“