Граѓаните сметаат дека поголемиот дел од програмата која се нуди по македонските јмедиумии е неквалитетна и „кич“. Изобилството од нискобуџетни турски и индиски серии, реалните шоуа од соседните земји и лошиот избор на музика, се главните „адути“ кои охриѓани ги посочуваат како најнесоодветни.
Сите со заеднички став дека целокупната програма по медиумите нема никаков едукативен карактер, а телевизискиот простор е буквално окупиран со вулгарен материјал. Сериите изобилуваат со насилство и ниско ниво на комуникација, додека реалните шоуа содржат експлицитни сцени кои негативно влијаат врз младите.
„Не само реалните шоуа, туку целокупната програма која се нуди на телевизиите нема едукативен карактер. Веќе се изгубени оние содржини кои некогаш едукативна улога врз помладите генерации. Денеска она што може да се види на телевизија, се сериите, реалните шоуа и музика која што се граничи со нешто безмислено.“ – вели педагог м-р Лидија Размоска.
Таа истакнува дека воопшто не е етички и културно да се емитуваат вакви содржини по медиумите, туку потребни се емисии од едукативен карактер кои на младите ќе им дадат насока и правец по кој треба да се движат.
„Би кажала дека таквите реални шоуа во никој случај не ги поддржувам и не го оправдувам нивното емитување на телевизиските станици. Впрочем, кога ќе се стави камера во една дневна соба на нечија куќа, тоа е исто како да му ѕиркате во животот на едно семејство. Она што сите нас треба да не засега е нашиот сопствен живот.“ – додава Размоска.
Граѓаните како најнесоодветно го посочуваат најновото издание на едно реално шоу, а за медиумите велат дека не бираат средства за привелкување гледачи.
„Сите овие шоуа, негативно влијаат на помладата популација која нема достигнато зрелост, па се идентификуваат со негативните ликови. Нивото е премногу ниско, а медиумите за да ги привлечат гледачите дозволуваат овие шоуа да содржат вулгарности.“ – вели една наша сограѓанка.
Охриѓани со сличен став ги окарактеризираат и сериите кои се емитуваат по македонските телевизии, потенцирајќи дека тие се неедукативни и преполни со насилство.
„Не се само турските и индиските серии. Првенствено, она што можам како карактеристика да го извлечам за таков тип серии е ниското ниво на комуникација, нискиот стил на комуницирање и однесувањето помеѓу ликовите. Нема ниту трошка едукација, нешто што може да го поучи младиот човек, нешто од кое што детето може да извлече поука за тоа да му биде корисно.“ – вели Размоска.
До сега, на неколку наврати реагираа од Советот за радиодифузија, околу термините во кои се емитуваат одредени серии, поради големата застапеност на сцени полни со насилство.
Граѓаните се надеваат дека во некое друго време, македонските медиуми конечно ќе созреат, а на гледачите ќе им понудат нешто ново, невообичаено, но во секој случај едукативно .
O.T.