Во врска со проблемот околу поплавувањето на подрумските простории од куќите на дел од улицата Јане Сандански, OhridNews контактираше со одговорните лица во ЈП Нискоградба. Имено, жителите од оваа улица, на потегот во близина на продавницата Гумно, се жалат дека со години мака мачат поради поплавувањето на нивните подруми поради затнувањето на дотраената канализација, која нема капацитет за големиот број на приклучоци. Тие додаваат дека проблемите произлегуваат и како резултат на нестручно изведените шахти на овој потег. Особено проблемот е изразен кога има врнежи од дожд, велат жителите.
Од ЈП Нискоградба, објаснуваат дека на овој потег, пред три месеци, било интервенирано при што се утврдило дека има запушување на една од шахтите со бетон. Екипа при јавното претпријатие извршило чистење на шахтата и проблемот бил решен.
Од ЈП Нискоградба велат дека од тогаш до нив не е доставена поплака или барање за интервенција од страна на жителите.
– Доколку проблемот сеуште постои, граѓаните можат во секое време да се обратат до нас со цел тој да се реши. Тоа е во интерес и на граѓаните, но и нас, како јавно претпријатие, велат од Нискоградба.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com