-Треба да бидеме јасни и гласни. Македонија нема туризам затоа што едноставно институциите кои треба да изготват стратегија за развој на туризмот потфрлаат. Не е доволно само да се викне странска компанија и да се напише стратегија, постојат три такви стратегии, но никој во Македонија не кажува каде и каква стратешка инфраструктура ќе се изгради за да може туризмот да се движи. Никој не го решава проблемот со авионскиот превоз поради што Македонија е скапа дестинација, а туристите ни влегуваат преку аеродромите од околните земји, што нас не кочи да продадеме квалитетен туристички пакет, вели Арсениј Јаневски од Т.А. „Компас“
Според него голем проблем на Македонија е и тоа што нема јасна цел каков туризам сака да развива, но и немањето континуитет.
– За кој елитен туризам разговараме во Охрид. За деца што пијат кока кола и јадат сендвичи. Во лето тука имаме 25.000 гости, но тоа не се туристи, тоа се врескачи. Ние не знаеме што сакаме. Која е целната група? Сакаме млади, сакаме да правиме Ибица, Палма или да развиваме планински туризам? Ние сега се задоволуваме што ќе дојдат два чартери од Холандија, дојдоа и пред три години па ги снема, дојдоа и израелците па ги снема, ние немаме континуитет, додава Јаневски

– Минатата година побаравме да бидат набавени специјални теренски возила за планински тиризам, но тоа се уште не е направено, поради што сме приморани да рентаме џипови од Бугарија. Затоа и групите кои ги носиме тука доаѓаат и си одат од аеродромот во Софија, укажува, Дорон Хари, туристички работник од Израел.
Пратеничката Лилјана Попоска смета дека државата треба да преземе сериозни мерки за средување на состојбите во туризмот, пред се во едукација на кадрите и подобрување на стандардите.

И покрај посочените слабости, во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се оптимисти дека оваа година ќе биде успешна за македонскиот туризам.

За состојбите и проблемите во македонскиот туризам се дискутираше на четвртиот меѓународен саем за Туризам што во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РМ се одржа од 17-ти до 19 јануари во Охрид, на кој учествуваа туроператори и агенции од земјава и странство.












