Топењето на снегот со растот на дневните температури и обилните врнежи од дожд предизвикаа брз раст на нивото на Охридското Езеро изминатите недели, информира АД „ЕЛЕМ“, кое стопанисува со хидроелектраните на реката Дрим.
-Постојано сме на терен и го оптимизираме нашето производство со оглед на фактот дека и нашите електрани изминатите два месеца работат на максимално ниво. Ја преработуваме водата кoјашто доаѓа во Охридското Езеро, меѓутоа дел од таа вода поради високиот водостостој се задржува. Правиме напори да ја обработиме и да не направиме штети ниту на Охрид, ниту на Струга, а исто така да не направиме штета и по течението на Дрим. Големите води на крај ќе резултираат со поголемо производство на хидроелектраните кои ќе произведат поевтина електрична енергија, што пак, ќе резултира со поевтина струја и за крајните потрошувачи. – изјави денеска во Охрид генералниот директор на „ЕЛЕМ“ Драган Миновски.
Состојбата со нивото на Охридското Езеро, ќе ја следи работна група во која освен експерти на „ЕЛЕМ“ се вклучени и претставници од општините Охрид и Струга. Таа треба да даде насоки за намалување на влијанието на покаченото езеро. Во моментов нивото на Охридското Езеро е на 693,82 метри надмораска височина, што е за седум сантиметри над максималната кота, но се уште има простор тоа да расте, вели Миновски.
-Согласно водостопанската дозвола која ни е дадена при големи води Охрид може да биде на ниво од 694 м.н.в.. Во минатото Охридското Езеро било на тоа ниво, дури и повисоко, 2010 година тоа било на 694.06 м.н.в.. Ќе се трудиме да не достигне ниво од 694 м.н.в., но во наредниот период се очекуваат денови со поголеми врнежи и ветрови, кои може да направат бранови кои имаат некакво влијание. Отворот на Дрим го држиме на максимално ниво за да не се направи штета ниту на Охрид, ниту на Струга. – додаде Миновски.
Градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски, изјави дека се следи состојбата со нивото на Охридското Езеро и реките во сливот.
-Нашата поголема будност е во однос на реките и каналите кои се влеваат во Охридското Езеро. За жал ние немавме тендер изминатата година и не беа исчистени каналите и реките како што треба минатата година. Ја следиме ситуацијата. Среќа што до сега немавме поголеми поплави, преземени се помали зафати, онолку колку што може да бидат преземени на Коселска река, Далјан и Грашница. Ги имаме идентификувано клучните критични точки и по топењето на снегот ќе пристапиме кон чистење на каналите и речните корита. – истакна градоначалникот Стојаноски.
Иако беше најавено, се уште се нема состанато мешовитата работна група која треба да го разгледа договорот склучен помеѓу Македонија и Албанија во средината на минатиот век, за одредување на нови мерни коти на Охридското Езеро. Како што најави првиот човек на „ЕЛЕМ“ се очекува најавената средба, која еднаш била одложена, да се одржи оваа пролет. Што се однесува до модернизирањето на испустот на езерото во реката Црн Дрим, АД „ЕЛЕМ“ оваа година нема предвидено средства за таа намена/ Планот е годинава да се направи детална анализа, а следната да влезе во инвестиционата програма на компанијата за да се направи автоматска регулација на Дрим и да се уреди тој дел, информираат од АД „ЕЛЕМ“.
Г.М.















