Веќе неколку недели, нивото на водата во Охридското Езеро се наоѓа неколку сантиметри под природната кота. За тоа говорат и бројните слики покрај градскиот кеј и каналот „Студенчишта“, каде оваа појава е забележителна.
Од Центарот за управување со кризи за OhridNews информираат дека моментално нивото на езерската вода се наоѓа на 693,15 метри надморска височина, односно два сантиметри под природната кота која изнесува 693,17.
Како што велат експертите и научните работници, намаленото ниво на езерото е природна појава, а многумина веруваат дека водостојот ќе се покачи со првите поголеми врнежи од дожд и снег.
Од друга страна, дел граѓаните велат дека причините за намалување на нивото е нерегулираниот истек на водата од езерото кај реката Црн Дрим.
Инаку, пред две недели нивото на езерската вода се наоѓаше на 693,14 метри надморска височина, еден сантиметар помалку од моменталното ниво.
О.Т.