Изложбата „Низ фотографскиот објектив на Македонида“ ќе биде отворена на 18 септември (петок) во 19:00 часот во Куќата на Робевци во Охрид. Истата е организирана од Здружението „Македонида“ во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Богатото културно наследство на Македонија е резултат на вековното испреплетување на различни цивилизации на нејзината територија. Неговата заштита и афирмација се наша најголема обврска и должност. Во поглед на уметничките достигнувања, средновековниот период се издвојува како време на особено богата визуелна продукција, велат организаторите.
Изложбата, додаваат, го следи развојот на христијанската иконографија и фрескосликарството од овој период, прикажувајќи ги нивните стилски особености и мајсторството на зографите од XI век па сè до почетокот на XIX век.
На фотографиите се претставени најзначајните македонски фрескоансамбли, од катедралната црква „Света Софија“ во Охрид до манастирот „Свети Наум“, кои сведочат за живата култура и духовност длабоко вградени во македонскиот идентитет. Овие цркви и манастири, кои и денес се духовни светилишта на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, претставуваат нераскинлив дел од македонскиот културен идентитет и континуитет. Тие се сведоштво за богатството на традицијата, уметноста и духовното наследство, кое опстојува низ вековите и продолжува да живее до денешен ден, потенцираат.
Куратори на изложбата се Гордана Велков и м-р Владимир Таневски.
OhridNews











