Во охридската градинка „Јасна Ристеска“ реализирани низа активности за подобрување на условите за згрижување на децата.

Во текот на месец јануари извршени се поправки на парното, парните пумпи, дел од инвентарот, чистење на оџаците и парните котли во сите објекти,информираат од градинката.

Извршено е мерење и снимање на објектот „Централна“, во кој ќе се врши реконструкција на покривот, фасадата, столаријата, санитарните јазли и електричната инсталација. За останатите објекти во тек е тендер за дограма, која ќе се менува со сопствени средства и со поддршка од локалната самоуправа, велат од ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“.

Спроведениот инспекциски надзор над целокупното работење на градинката од страна на Министерството за труд и социјална политика покажал дека дејноста во градинката се одвива во најдобар ред.

Персоналот интензивно се подготвува и стручно се усовршува. Ни претстои полагање за лиценци – процес кој ќе се одвива во сабота на 01.02.2014 година, а се однесува на сите вработени во градинката кои се опфатени со Законот за јавни службеници. Претставник од градинката учествуваше и на Меѓународен тренинг во Белград за едукација на најмалите деца за мир, толеранција, соживот, познавање и почитување на различностите од секаков вид (социјални, верски, расни, национални, телесни и сл.) под покровителство на Европската унија, додаваат од „Јасна Ристеска“.

Оттаму потенцираат дека активностите се одвиваат според програмата за работа 2013/2014 година.

OhridNews