– Покрај туристичката понуда на Охрид како град кој е најпознат по стационарниот или хотелски туризам или планинарски туризам, ние водиме грижа да се обрне големо внимание и на руралните средини и алтернативните форми на туризам кои се дел од активните форми на туризам, со што сметаме дека и самото месно население кое што живее во овие области ќе си го најде својот интерес активно да се вклучи и на тој начин и директно да се врши развој на руралните средини, вели раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.
Дел од руралните средини во околината на Охрид веќе си го нашле своето место во туристичката понуда.
– Често гостите го посетуваат селото Куратица и околината, втората локација која исто така е посетувана е селото Елшани, а исто така има и тури во чии рамки водичите ги носат луѓето низ Галичица. Ние директно не можеме да влијаеме на понудата на самите туристички агенции, меѓутоа се трудиме да создадеме услови за да имаме што побогата понуда во руралните средини, па самите водичи и туристички агенции потоа да ги вметнуваат во својата понуда, велат од ТЛЕР.
Од страна на експертите за туризам во повеќе наврати беше потенцирано дека за развој на руралниот туризам, освен што е потребно мотивирање и едуцирање на жителите во руралните средини, неопходно е и подобрување на локалната инфраструктура.