Викендов, 23 и 24-ти септември во Струга ќе се спроведат финалните активности од европскиот проект „Зелен Кајак“, воден под мотото „Биди Еко-спортист, придонеси природата да расне!“ во организација на Кајак кану клубот Дрим од Струга.

Во сабота со почеток во 10 часот на „Машка Плажа“ во Струга ќе се одржи еколошка работилница за сите заинтересирани посетители на настанот. Потоа следи еко-регата во која учество земаат сите поединци кои поседуваат опрема за веслање (СУП, кајак, кану). Ќе се чисти крајбрежниот појас на Охридското Езеро и реката Дрим, а победник е оној кој ќе собере најголема количина на отпад за зададено време, велат организаторите.

Предвидени се и мини обуки за управување на кајак за сите заинтересирани посетители на настанот, а спроведени од професионални тренери од Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија.

Во недела со почеток во 10 часот од АС камп во Струга ќе се одржи Меѓународна натпреварувачка кајак регата. Учесници во регатата се кајак клубови од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија. Проектот има за цел да ја зголеми свеста за борба против загадувањето на природата практикувајќи еко-спортови на вода, потенцирaат.

Инаку, носител на проектот е организацијата Млади инфо, а истиот е финансиран од Европската Унија, како дел од програмата ЕРАСМУС.

OhridNews