Велгошти вечерва ќе биде во знакот на Илинден и спортот. Пред почетокот на четвртфиналните натпревари од традиционалниот турнир во мал фудбал, ќе се одржи културната манифестација „Ноќ спроти Илинден“, посветена на одбележувањето на Денот на Републиката – 2 Август.

Свеченоста ќе започне во 20:30 часот кај Споменикот на Илинденците** во Велгошти, каде ќе биде положено свежо цвеќе, а пред присутните ќе се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Во рамки на културно-уметничката програма ќе биде изведен драмскиот перформанс „Македонија ќе роди нови борци. Вие ќе живеете во срцата наши“, инспириран од илинденската епопеја, во изведба на охридски актери. Публиката ќе има можност да ужива и во настапот на охридскиот женски квартет „Harmonix“, како и во концертот на Јована Богданоска.

По завршувањето на културната програма, вниманието повторно ќе се префрли на спортските возбудувања. На програмата се два четвртфинални дуели од турнирот во мал фудбал „Велгошти 2026“:

21:30 часот Бразилиан  – Златара Бени Ерол
22:30 часот Инекс Олгица Хотел и Спа – Др. Баткоски

Организаторите очекуваат голема посетеност и уште една незаборавна вечер во Велгошти, каде традицијата и спортот ќе се спојат во чест на најголемиот македонски национален празник, Илинден.

OhridNews