Моите ставови се јасно изнесени во јавноста и немам намера на некои, кои се однесуваат во стилот на народната „при очи слепи, при уши глуви” уште еднаш да им ги повторувам. Во врска со “моето влијание кај партискиот шеф”, уште еднаш сакам да Ви повторам, ако не сте разбрале, дека од денот на преземањето на функцијата јас сум градоначалник на сите граѓани на Дебрца и мојот “шеф” се граѓаните, на кои им служам и на кои единствено им поднесувам сметка. Потполно Ве разбирам за тоа што сте го напишале, бидејќи кај Вас работите беа поинаку поставени, како однос меѓу послушници и партискиот шеф, кого беприговорно си го слушавте, се наведува во писмената реакција на градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, а во врска со обвинувањата на општинската ВМРО ДПМНЕ.

– За разлика од Вас, ако утре било која Влада, вклучително и сегашната предводена од премиерот Заев сака да имплементира проекти кои се штетни за  граѓаните на Дебрца, јас ја имам одбрано страната. Страната на граѓаните. За тоа како се дојде до ова предлог решение за депонијата и дали во старт се можеше да биде поинаку воопшто не би сакал да елаборирам , тоа граѓаните добро го знаат. Затоа, не терајте партиски политики со депонијата. Депонијата не е партиски проблем, таа е проблем на сите граѓани. Не ставајте партиски мински полиња и сопки  на патот на еколошката одбрана на Дебрца, вели Ногачески.

Тој ги повика жителите на Дебрца зедно и сплотени,  на надлежните од Министерството за животна средина да им докажат дека донеле погрешна одлука и да се изборат за нејзино повлекување.

OhridNews