Новоизбраниот претседател на општинската организација на СДСМ Дебарца, Зоран Ногачески, возвраќа на изнесените ставови во честитката што по повод изборот ја упати ривалската ВМРО ДПМНЕ.

Во реакцијата се вели:

Како прво,  Ви благодарам за честитката за мојот избор за Претседател на ОО СДСМ Дебарца, иако истата ја упатувате под силен наплив на хипокризија и очигледна нервоза. Чуму таква нервоза? Па нели конечно се ослободивте од  “полтронот”  кој како што велите 16 години Ви го загорчувал животот и поради кого не сте можеле да ја освоите општинската власт во Дебарца. Морам да Ви признаам, тоа посебно ме прави горд. А, за Вашата “победа” на локалните избори да не коментирам. И самите сте свесни за тоа каква “победа”  беше тоа.

Во Вашата панична реакција кажувате само една вистина. Дека бев член на ДПМНЕ. Јас би додал и еден од основачите на Партијата во Охрид и Дебарца во 1990  година, како и на Општинскиот комитет за Дебарца , во 2005 година. Во тоа време, добар дел од Вас како ѓаволот од крстот бегаа од самата помисла на името ВМРО, или работеа  на други партиски агенди или беа премногу мали, во возрасна смисла на зборот да се бават со партиски работи.

Не и ја кажувате  на пошироката јавност вистината зошто повеќе не сум  со Вас!?

Не сум, затоа што бев против узурпацијата на Општинскиот комитет од неговото  раководство за лични интереси. Зборувате за млади кадри, а не сакате да видите дека истите луѓе со години Ви се сива еминенција на Општинскиот комитет.  Ако бев полтрон ќе си останев со Вас, ќе си молчев , ќе си седнев во некоја, како што велите удобна фотелја  и ќе си добиев  нешто од слаткиот колач на власта. Ги набркавте интелектуалците и другите постари членови и основачи и сега плукате по нив. Ги уживате незаслужените плодови на власта, станувајќи вечни директори и функционери. Затоа, не барајте ги полтроните на друго место, тие се во Вашите редови, меѓу Вас.

Не  сум, затоа што ми го украдовте мојот сон за Македонија.Вашите политики ја претворија  Македонија во општество со изгубени системски вредности и мерила, општество во кое единствена вредност е Вашата партиска книшка. Како интелектуалец и пред се како слободомислечки граѓанин отсекогаш сум бил противник на таквите недемократски процеси и неможам да се откажам од мојот сон  Македонија да биде општество на слободни луѓе.
Новиот СДСМ кој се гради по одржувањето на ЏИВ  и  ЏВ Конгрес, како и  силната порака која ја испрати централното раководство за отворање на вратите на партијата кон сите кои се идентификуваат со нејзините програмски заложби ми даде нов импулс и  уште поголема сила и енергија да истраам во таа борба.

Граѓаните на Дебарца,  меѓу кои и голем број на членови на ДПМНЕ добро знаат за мојата чесност, неископромитираност, авторитетност и  грижата за средината во која живеам. Затоа, нема потреба од нервоза. Оставете да  излеземе со нашиот општински тим и со нашиот концепт за Дебарца. Наспроти Вашата плукачка реторика со мојот тим ќе понудиме концепт со позитивистички дух и решенија за сите актуелни проблеми од животно значење за нашите граѓани. Како одговорна опозиција жестоко ќе ги критикуваме Вашите ретроградни општински политики. Да ги спротиставиме тие концепти,  и бидете сигурни дека граѓаните на Дебарца ќе знаат да го изберат најдоброто.

Крајно, мојата цел не беше да станам претседател на Општинската организација на СДСМ-Дебарца. Мојата цел е да се избориме за подобра и надежна Дебарца, за подобра и надежна Македонија, во кои  искрено верувам.“-стои во реакцијата на Зоран Ногачески, Претседател на ОО СДСМ Дебарца.

OhridNews