Номинацијата за прогласување на регионот Охрид -Преспа за прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО е испратена во седиштето на организацијата во Париз, информираат од Билатералниот Секретаријат кој е носител на активноста за изготвување на Номинацијата.

Се очекува работните тела на УНЕСКО во временска процедура да донесат одлука за прогласување на Охридско-преспанскиот регион за Биосферен резерват со посебни режими и зони за  заштита и зони за активно управување. На номинациониот документ работеше стручен тим  од Македонија и Албанија заедно со меѓународни експерти. За изработка на номинациониот акт поддршка со потпис дадоа сите градоначалници од регионот како и надлежните Министерства, а Владите на двете земји формираа и МАБ (човек и биосфера) Комитети .

– Тимот заврши одлична работа за еколошката и економската (туристичка) иднина на регионот , опструкции секогаш ќе има, но нема предавање. Уште еден процес во интерес на заштита на нашите заеднички природни ресурси е спроведен, вели Дејан Пановски, македонскиот претставник во Билатералниот Секретаријат.

Како што потенцира Паноски, Биосферните  резервати во светот се атрактивни туристички и научни дестинации и дека реткоста која ја пружа нашиот регион со две езера,национални паркови и природни ендемизми  е ненадминлива. По очекуваното добивање на статусот ќе биде изработен и план за управување со Биосферниот резерват, со што регионот ќе добие пошироко светско значење што ќе го зголеми степенот на долготрајна заштита на природните вредности ,но и степенот на креирање придобивки за заедницата.

OhridNews