Двајца нотари од Охрид користеле нелегален софтвер во службените комјпутери, утврдила контролата што Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост во соработка со УЈП, Полицијата, Пазарната инспекција, Министерството за култура, Советот за радиодифузија и Државниот завод за заштита на индустриската сопственост ја спроведе денеска во Охрид.

-Контрола беше извршена кај шест нотари, при што кај двајца од нив беше утврдено користење на нелегален софтфер. Нивните компјутери се одземени, исто така ќе бидат поднесена и соодветна кривична пријава, а УЈП согласно законот им изрече глоба во висина од 500 евра, изјави Мите Костов, претседател на Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост.


Тој истакна дека слична контрола деновиве била извршена и во Скопје при што кај 7 нотари било утврдено дека користат нелегален софтвер. Костов појасни дека коморите и еснафските здруженија пред три месеци биле известени дека ќе биде спроведена контрола и дека нотарите имале доволно време да се подготват и да ги отстранат недостатоците во работењето, особено што, како што посочи, тие треба да се грижат за почитување на законите.

Претседателот на Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост најави дека контролите ќе продолжат и натаму и дека освен нотарите со нив ќе бидат опфатени и лекарите како и други професии.

-Целта на овие акции не е да се казнуваат луѓето, туку пред се да се подигне јавната свест за потребата од заштита на авторските и сродни права, поради што македонската и воопшто светската економија трпи големи штети, додаде Костов.

Во акцијата во Охрид била извршена контрола на три кабелски оператори, при што кај два од нив биле утврдени неправилности во врска со почитување на законот за употреба на македонскиот јазик и авторските права. Одземени биле 4 ресивери, изречена била глоба согласно законските прописи, а против прекршителите ќе уследат и соодветни пријави од надлежните институции, информираа од Координативното тело за заштита на интелектуалната сопственост.

Во акцијата спроведена во Охрид била извршена контрола и на неколку тезги на градскиот пазар при што биле одземени 300 очила.

OhridNews